Дали треба касарната на Армијата на Република Македонија во Тетово да се претвори во национален парк? Во врска со ова во овој момент во Тетово е во тек „јавно соочување со ставови и противставови“ меѓу градоначалникот на Тетово Билал Касами, за кого застана и неговата партија Беса, и невладината организација „Сакаме парк“. Идејата на Касами е наместо касарна Тетово да има парк, а „Сакаме парк“ го обвинува дека тој сака на таа локација да гради повеќе од 35 згради. Во оваа касарна е стациониран Третиот пешадиски баталјон на АРМ, под команда на потполковникот Изеир Ејупи, и таа е во составот на Првата механизирана пешадиска бригада под команда на бригадниот генерал Бесник Емини. Тетовската касарна на АРМ го носи името на народниот херој на Македонија Кузман Јосифовски Питу.
Во заднината на „размената на ставови“ на Касами и „Сакаме парк“, што, според Беса, веќе почнува да влијае и врз меѓуетничките односи, се наметнува дилемата: станува збор за екологија, за урбанизација, или можеби за „план за демилитаризација“, односно за отстранување на оваа касарна на Армијата на Република Македонија од Тетово, кој во речникот на албанските партии и нивните лидери од поодамна се означува како „тврдина на албанството“?
Токму оваа касарна беше еден од објектите на АРМ и на МВР, кои во воениот судир во 2001 година беа најчесто напаѓани од борците на УЧК со митралези, фрлачи на гранати и други видови огнено оружје, во тогашните обиди да ја преземат контролата врз градот и регионот на Тетово. На 21 април 2012 година на интернет-порталот „Виртуал форум“ и „Генералштабот на Армијата за ослободување на окупираните албански територии“ имаше соопштено дека „извршил акција против најголемата славомакедонска касарна во Тетово, предизвикувајќи материјални штети, но не и човечки жртви“ а едновремено упатувајќи „предупредување“: „Славомакедонскиот окупатор треба да се повлече од албанските простори, кои сите ќе бидат обединети со Албанија“.
Во меѓувреме, додека се разјасни кој и какви намери има во врска со (не)постоењето на тетовската касарна на АРМ, еве ја споменатата “размена на ставови“. Во својата информација со наслов „Тетово сака парк’ го прашува градоначалникот Касами: дали спомнувањето на касарната е враќање на идејата за изградба на 35 згради?“ информативниот портал на македонски јазик „Тетовоинфо“ денес објави: „Граѓанската идеја „’Тетово сака парк’ денес повторно реагираше на повикот на градоначалникот на Тетово Билал Касами на место на касарната на Армијата на Република Македонија да се прави парк, едновремено и упатувајќи му прашање: дали е тоа негов обид за враќање на идејата за градење 35 згради на тоа место?“
„Која е целта на Касами со споменувањето на Касарната на АРМ ‘Кузман Јосифовски – Питу’? Се потсети ли Касами на својот план за 35 повеќекатници на местото на оваа касарна на АРМ од 2017 година? Зад тоа е можно да стои неговиот стар план кога во 2017 година во изборната кампања бомбастично со визуелизации најави урбанизирање на касарната со повеќе од 35 згради.’ – велат во соопштение од НВО ‘Тетово сака парк’. Градоначалникот Касами во петокот побара централната власт да му ја додели касарната со ветување дека таа површина ќе ја направи парк.“ – напиша „Тетовоинфо“.
Во својата информација со наслов „Движење Беса: Касарната во Тетово национален парк – предлогот на Касами наидува на поддршка“ информативната агенција на албански јазик ИНА денес објави: „Огранокот на Движењето Беса во Тетово денес нагласи дека предлогот на градоначалникот Билал Касами да ја претвори касарната во Тетово во национален парк доби висока поддршка од граѓаните. Зачудувачка е реакцијата на Невладината организација ‘Сакаме парк’, која сега наместо парк, бара воена касарна. Апсурдно е ова нивно барање во време кога сме во НАТО и кога се стремиме за во ЕУ. Треба ли да се уплашат Албанците? Што се крие зад ова барање, кое Албанците не го знаат? Тоа е барање, кое не им служи ниту на стабилноста на земјата, ниту на релаксирањето на меѓуетничките односи. Ова барање може да има деструктивна и политичка заднина во моментот кога цела Европа работи на тоа да се успокојат земјите од Западниот Балкан и да се оддалечат од руското влијание. Барањето на градоначалникот на Тетово Касами да се направи парк е во духот на мирот, стабилноста и развојот на градот Тетово, со што конечно ќе имаме парк, а не касарна на монистичкиот систем.’ – нагласува тетовскиот огранок на Движењето Беса во своето соопштение.“
„Во него се дополнува: „Со оваа иницијатива трансформираме еден дел на градот кога и во други градови, како што се Битола, Кичево, касарните веќе им се предадени на локалните власти, па зошто и на Тетово не треба да му се даде касарната?“ – објави ИНА.
.





