Масло за јадење измешано со вода, непријатна миризба на млечните производи, кашкавал со вкус на пластика. Маркетите ем ги покачија цените ем продаваат неквалитетни и расипани производи.
Граѓаните сѐ почесто се жалат дека како што се зголемува кризата така се намалува квалитетот на храната што ја купуваат во маркетите, но малкумина од нив ги алармираат институциите за оваа појава. Дека на пазарот има и неквалитетна и небезбедна храна покажуваат и податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, според кои, од почетокот на годинава досега се уништени 82 тони храна од животинско и од неживотинско потекло, а дел од оваа храна имала сомнителен квалитет.
– Купив кравји кашкавал од компанијата „Бела фарм“ во еден маркет и што да видиш – има вкус на пластика, ужас. Се плашам дека ова е небезбедно за јадење. Мене ми личеше тоа на случај со меламин , хемикалија што ја зголемува масленоста при испитување, а е од хемиско потекло, да не речам пластика. Реагирав во маркетот. Ги вратија парите, го зедоа пакувањето и ми рекоа дека ќе го испитаат производот и ќе ме информираат. Но не добив никакво известување, а кашкавалот уште го има на рафтовите. Не знам што уште има поинаков вкус од она што треба да го има, ама сѐ почесто мислам дека јадеме небезбедна и неквалитетна храна – вели граѓанин.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдуваат дека млечните производи од овој бренд се контролираат во нивната лабораторија.
– Производите, вклучително и млечните од посочениот бренд од Агенцијата за храна и ветеринарство се предмет на контрола во рамки на редовните и на вонредните контроли, кога се постапува по претставки и во рамки на контролите по мониторинг програмите за безбедност на храната. Покрај програмите за следење на безбедноста на храната, АХВ моментално ја спроведува и Програмата за следење на квалитетот на производите од животинско и од неживотинско потекло, со земање мостри за лабораториско тестирање на производите како што се производи од месо, млеко, од мед и слично – велат од АХВ.
Скопјанка, пак, се жали дека одредено масло за јадење содржи вода и се сомнева дека има малверзации и со овој производ.
– Како поинаку да објаснам. Прска на секоја страна кога на сува тава го ставаш за да испржиш нешто. Кога го употребуваш за друга намена треба да истуриш половина шише за да ја добиеш потребната масленост. Се сомневам дека има вода ставено – вели таа.
Таа се сомнева и во квалитетот на производите што маркетите ги продаваат како свои.
– Има многу вакви производи, од масло за јадење, млеко до кафе и грицки. Поевтини се од другите и сите ги купуваме, но никој не знае каков е нивниот квалитет и дали некој го контролира сето ова – вели таа.
Пред некое време граѓани реагираа и дека се затруле откако јаделе замрзната риба и се сомневаат дека таа не била чувана на соодветна температура во фрижидерот во маркетот.
Прочитајте ги сите реакции тука.





