Олександр Онишченко се наоѓа на листата на санкционирани личности од Соединетите Американски Држави, на која е ставен во јануари 2021 година, поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“.
На украинската политичка сцена, името на Онишченко се спомнува како на поранешен пратеник што избегал од земјата во 2016 година, откако Антикорупциската комисија отворила истрага за него за перење пари и корупција.
Македонската влада, на седница одржана на 31 мај 2022 година му даде македонско државјанство.
Името на Онишченко, во кратките вести на медиумите за владината седница од тој ден го нема. Но, го има во записникот од седницата што подоцна e објавен и се наоѓа на владината интернет-страница, пишува Призма.
Ова не е прво државјанство што го поседува, освен украинското. Онишченко има и руско државјанство и со тоа одлучил да аплицира пред македонските институции.
Пет месеци откога го добива македонското државјанство, тој настапува под македонското знаме на натпревар во коњски скокови, во Сен Тропе. Видеото од натпреварот го објавува на својот инстаграм-профил на 15 октомври. Профилот сведочи за гламурозниот живот на новиот македонски државјанин, кој често патува од Монте Карло до Обединетите Арапски Емирати и до други познати европски туристички дестинации.
„Македонскиот репрезентативец во коњички скокови Олександр Онишченко освои седмо место во Сен Тропе“. Вака би се очекувало да гласи насловот што би се проширил во спортскиот свет во Македонија откако во октомври овој Украинец, кој има и руско државјанство, се натпреваруваше под македонското знаме, пишува Призма.







