Еден полицаец е убиен, а друг повреден во напад со нож во белгиската престолнина Брисел, јави Би-Би-Си.
Двајцата полицајци беа нападнати во четвртокот вечерта, а локалните медиуми јавија дека и напаѓачот починал во болница откако бил застрелан на местото на настанот.
Мотивот на напаѓачот не е познат, но претставници на антитероризмот велат дека ја презеле истрагата.
Двајцата полицајци патролирале во областа пред да бидат нападнати.
Полицијата појасни дека на местото пристигнала друга патрола која го „неутрализирала“ напаѓачот – бил застрелан во нозете и стомакот пред да биде пренесен во болница.
Локален жител изјави за АФП дека слушнал „пет или шест истрели“ веднаш по нападот, кој се случил околу 19:15 часот по локално време.
Брисел, сè уште ги носи лузните од координираниот терористички напад на главниот аеродром и метрото, во кој загинаа 32 лица во 2016 година.
Во наредните недели, на девет осомничени членови на ќелија на Исламската држава (ДАЕШ) ќе им се суди за нивната вмешаност во нападите.







