Од Алтернатива соопштија дека и премиерот Димитар Ковачевски потврдил дека не разговарал со Алијанса за Албанците (АА) за влез на таа партија во Владата на сметка на министерски позиции на Алтернатива. Од партијата нагласуваат дека заради стабилност и продолжување на евроинтеграцискиот процес на земјава кон крајот на минатата година Алтернатива била замолена да влезе во Владата и дека така било направено на фер основа.
Алтернатива нема информации за реконструкција на Владата и за замена на партијата во владината коалиција со Алијансата на Албанците, а и премиерот Димитар Ковачевски денеска официјално потврди дека тоа се само шпекулации, наведуваат од партијата и нагласуваат дека за евентуално напуштање на Владата „не одлучува никој друг, освен партиските органи кои што и донесоа одлука за влез на партијата во Владата“.
„Потсетуваме дека токму Алтернатива ја стабилизира Владата, а тоа многу добро го знаат и владините, но и меѓународните партнери. Ние не молевме да влеземе во Владата, ниту се додворувавме, туку бевме замолени од низа домашни и странски фактори поради процесот на евроинтеграцијата. Ако некој заборавил на тој чин на Алтернатива, тоа сигурно не е од склероза“, нагласуваат од Алтернатива.
Од партијата велат дека нема потреба од засилување на владејачкото мнозинство и дека односите во Владата се коректни и колегијални.
Денеска во медиумите се пишува дека и покрај негирањето, премиерот Димитар Ковачевски сепак разговарал со в.д. претседателот на Алијанса за Албнците Арбен Таравари и дека им се нуделе три или четири министерски места, на сметка на министри од ДУИ и Алтернатива, што пак, би значело и реконструкција на Владата.
Премиерот Ковачевски денеска беше категоричен дека не е разговарано за реконструкција на Владата.





