Според вицепремиерот Артан груби во Македонија албански јазик активно зборуваат над 30 отсто од населението и дека „со последните измени на Законот за употреба на јазиците, албанскиот јазик се ставил во целосна официјална употреба на сите нивоа, вклучувајки го Претседателството, Собранието и Владата.



Груби е во Тирана по повод 50 години од унифицирањето на албанскиот јазик каде рече дека унифицирањето на албанскиот јазик било од витално значење за Албанците од Македонија, бидејќи е воспоставен како општ стандард за употреба.

На свеченоста во Тирана тој рече дека во Македонија на албански јазик се учи почнувајќи од градинките, основните и средните училишта, продолжувајќи до три универзитети, од кои два се државни и еден е јавно-приватен.

„Националната радио и телевизија емитува 24 часовна програма само на албански јазик, а нашиот јазик се користи и во документите за лична идентификација, изборните процеси, судската власт и слично. Формиравме и институции кои се грижат за спроведување на албанскиот јазик како што се: Агенцијата за спроведување на јазикот, Државниот јазичен инспекторат и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците. Во Битола формиравме национална установа, Музејот на азбуката, која се финансира од државниот буџет.

Кај нас 22 ноември е државен празник,, а „Битолски конгрес” е државна награда која што ја востановивме“, истакна вицепремиерот Груби.

„На овој начин, Северна Македонија се става на мапата на трите најважни национални историски настани“, рече на крајот од поздравниот говор на свеченоста што ја организира Албанската академија на науките.