Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на собраниската Комисија за одбрана изнесе сериозни обвинувања: Како што тврди, за учество во мировна мисија се дава мито од по 3.500 евра, додека пак за прием на професионален војник по 5.000 евра, пренесе МКД.МК.



„Ова не зборувам на памет. Имам и конкретни имиња. Кога зборуваме за давање мито, пари се даваат и за курсот за професионални војници, односно за подофицери и за приемот на професионални војници.

Таа сума е 5.000 евра. И знаеме на кои лица се дава. За ова предупредуваме подолг временски период. Јас дури и на фејсбук напишав дека имало тепачка претходниот викенд, во делот на приемот на подофицери“, рече Ковачки.

„Ова го зборувам со целиот мој кредибилитет што го имам во Армијата на Република Македонија. И вие знаете кој ги зема парите. Има една линија која оди преку СДС, и една линија којао оди преку ДУИ“, рече Ковачки.

Тој потенцираше дека одговорност за ова ќе има бидејќи ги има и конкретните имиња, но ќе ги даде на надлежните институции на прогон кога ќе бидат ослободени од канџите на власт, бидејќи, како што рече, дури и вчерашниот избор на новиот јавен обвинител е на предлог на владејачката коалиција СДС и ДУИ.