Седум од десет Американци незадоволни од Бајден

Седум од 10 гласачи на вчерашните избори за американскиот конгрес се изјасниле дека не би сакале актуелниот претседател Џо Бајден да се кандидира за претседател во 2024 година, покажуваат прелиминарните резултати од излезната анкета на агенцијата за испитување на јавното мислење Edison Research.



Повеќе од седум од 10 испитаници рекле дека се помалку задоволни од начинот на кој се одвиваат работите во земјата, а околу една третина не само што се незадоволни туку и лути поради состојбата во земјата, објави Ројтерс.

Рејтингот на Бајден е околу 45 отсто.

Нешто помалку од половина од гласачите рекоа дека политиката на Бајден најмногу и штети на земјата, при што околу 36 отсто рекоа дека неговата политика најмногу помага, додека остатокот од испитаниците рекоа дека тие не прават никаква разлика.

Во исто време, околу шест од 10 гласачи имаат негативно мислење за Трамп, а четворица од 10 имаат позитивно мислење.

На врвот на листата на прашање што ги загрижуваат гласачите е инфлацијата, а потоа абортусот: Околу една третина од испитаниците изјавиле дека инфлацијата е најважното прашање што го одредува нивниот глас, а околу 27 проценти се изјасниле за абортусот.

Околу три четвртини имаат негативно мислење за моменталната состојба со економијата, а околу четворица од 10 ја сметаат за сосема лоша.