Хан: Законот за јазици не е приоритетен за позитивна препорака

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика Јоханес Хан го иззема Законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура, од условите за позитивна препорака за Македонија.



„Мислам дека ова е разумно барање, но не е приоритет на властите, кои приоритетите треба да ги дефинираат според националните интереси. Ако се усвои Законот за јазиците во следните неколку недели врз основа на препораките од Венецијанската комисија, в ред, меѓутоа важно е Владата и другите фактори во земјата да се фокусираат на законите и на условите релевантни за добивање позитивна препорака. Законот за јазици не е дел од она што е договорено во овој контекст“, изјави Хан по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Скопје.

„Постигнавме многу, но сега е важно да се истрча последниот километар или половина километар за да се заврши овој маратон“, додаде Австриецот.