Македонската црква, која што не е признаена од Вселенската патријаршија, но и од ниедна друга православна црква во светот бара од Бугарската патријаршија да стане нејзина мајка-црква и заедно со неа да се стекне со евхаристиско единство, пишува грчкиот портал „Ортодоксија“.
Под насловите „Автокефалност од бугарската патријаршија бара расколничката македонска црква“ и „Расколничката македонска црква подготвена да ја признае Патријаршијата на Бугарија како мајка-црква“, сајтовите за црковни вести во Грција, „Ортодоксија“ и „Ромфеа“ ја пренесуваат веста за дописот испратен од МПЦ-ОА до БПЦ, а објавен од бугарските медиуми.
Грција ниту ја признава македонската црква, ниту зборот „македонски“ како термин, во текстовите на грчките новинари, при употребата на фразата македонска црква, терминот македонски е ставен под наводници, а црквата се споменува со епитетот расколничка.
Во текстот на „Ортодоксија“, како што пренесува ТВ21, се коментира дека контактот на МПЦ-ОА и на БПЦ не бил случаен, затоа што како што пишува, во 2015, бугарскиот патријарх Неофит официјално го примил г.г Стефан.
И сајтот за црковни вести „Ромфеа“ пишува за барањето од МПЦ-ОА за барањето за евхаристиско единство и за, „историската шанса патријаршијата да стане мајка- црква, на т.н. македонска црква“.





