На бугарските воени гробишта во селото Цапари, денеска на пладне ќе се одржи воено-црковен ритуал на кој ќе присуствува и бугарската потпретседателката Илијана Јотова, соопшти прес-службата на бугарското Претседателство.
Јотова допатува вчера во Битола по повод денешната Задушница на која од 1924 година во Бугарија се чествува споменот на сите загинати бугарски војници.
Таа на новинарското прашање дали нејзината посета на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот од фашизмот е провокација рече: „Јас се исклучувам од тоа натаму да минувам по пат на провокации и ние имаме заеднички интереси и цели“.
„Се молам за нивните души и молиме за разум повеќе да нема војни. Утре заедно со бугарската делегација ќе одам на првите признати и од двете страни бугарски воени гробишта во Цапари“.
Гробиштата се создадени за време на Првата светска војна, кога таму биле погребани 214 бугарски војници и офицери и се првите обновени бугарски воени гробишта на територијата на Македонија. Во дворот на црквата „Свети Ѓорѓија“ се наоѓаат седум споменици на бугарските офицери закопани таму.
Пред комеморативната церемонија, во бугарскиот генерален конзулат во Битола, Илијана Јотова ќе присуствува на отворањето на изложбата „125 години бугарско дипломатско претставништво во Битола“.
Венци и цвеќиња и воени почести во спомен на загинатите, делегација на Министерството за одбрана на Бугарија ќе положи на бугарските воени гробишта во Ново Село, Струмица и пред офицерските гробови на градските гробишта во Струмица, Република Македонија, јавуваат бугарски медиуми.






