Експертите и екологистите децидно против ЕСМ да ги грее скопјани на дизел гориво

Експертите и екологистите се децидно против планот на ЕСМ десетина дена да ги грее скопјани со дизел гориво, бидејќи непотребно дополнително ќе се загадува воздухот во градот кој во претстојниот период и онака ќе биде загаден поради падот на температурите и греењето на дрва од десетици илјади домаќинства, пренесе Телма.



Здравјето на граѓаните е клучно, државата ќе загуби многу повеќе, како последица на нарушеното здравје од загадувањето на воздухот, отколку што ќе заштеди со евентуалната транзиција од гас на нафта, сметаат од невладината „О2 иницијатива“.

За професорот Цицонков од Машинскиот факултет, не е пожелно да се смени енергенсот на кој ќе работат топланите. Тој смета дека разликата во цената не смее да биде причина да се загрозува здравјето на граѓаните.

„Загадување ќе има сигурно. Топланите „Исток“ и „Запад“ се наоѓаат во густо населени места. Тоа загадување ќе има влијание на населението. Преминот од гас на нафта бара во самата опрема да се направат модификации особено со горилникот и можеби неколу проценти ќе се изгубат во ефикасност на согорувањето. Како стручно лице инсистирам да се користи гас наместо нафта и нафтени деривати најмногу заради загадувањето. Апелирам заради разлика во цена да не се загрозува животот и здравјето на граѓаните“, вели професор Цицонков.