„Демократската унија за интеграција, Алијансата за Албанците и Алтернатива го потврдија своето учество на средбата на лидерите на парламентарните партии, што ја свика претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски за во понеделник.“ – објави весникот на албански јазик „Лајм“ во својата информација со наслов „Ахмети, Гаши и Таравари му велат ДА на Ковачевски, НЕ на Касами“.
„Лајм“ пишува: „Од ДУИ порачаа дека за важните теми поврзани со евроинтеграциите на земјава, несомнено е дека на маса треба да седнат сите политички партии, без разлика на нивните ориентации. Алијансата за Албанците на состанокот во четвртокот вечерта одлучи да учествува на средбата на лидерите на парламентарните партии, што за понеделник ја свика премиерот Димитар Ковачевски. Се дознава дека на средбата оваа партија ќе ги изнесе своите ставови за многу актуелни политички прашања во земјава, меѓу кои и барањето за бришење на ‘20%’ за албанскиот јазик од Уставот.“
„Во меѓувреме, во врска со средбата на лидерите на албанските партии, што ја свика лидерот на Движењето БЕСА Билал Касами, Алијансата за Албанците вели дека ‘тие ќе останат во комуникација со сите албански партии’. Претседателот на Алтернатива Африм Гаши ќе учествува на средбата на лидерите на парламентарните партии, што ја свика премиерот Димитар Ковачевски.“
„Од друга страна, Движењето БЕСА на Билал Касами се уште нема одлучено дали ќе учествува на средбата на лидерите на парламентарните партии, што ја свика премиерот Димитар Ковачевски. ‘Откако ќе одлучи централното раководство на партијата, ќе го соопштиме нашиот став.’ – изјави за ‘Локално’ Фарук Авдиу, портпарол на Движењето БЕСА.“
„Премиерот Димитар Ковачевски ја свика лидерската средба на парламентарните политички партии, што ќе се одржи во понеделник, 7 ноември, во Собранието на Република **** Македонија. Како што соопшти владината прес-служба, ‘средбата е организирана со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република **** Македонија, но и за одлуките што треба да се донесат во иднина во Собрание со широк политички и општествен консензус’.“





