Хартијата трпи сè, но дали во реалноста ќе биде остварливо полнењето на државната каса?

Предлог – буџетот од 5,3 милијарди евра во никој случај не може да биде развоен, зашто државата нема план за надминување на кризата, а вака скорениот буџет покажува дека ќе не задолжуваат до гуша. Ова за Алфа го изјави економистот Абил Бауш кој вели дека државата лошо менаџира со народните пари. Дефицитот, односно задолжувањето што го проектира Владата е 5% и истиот е скоро двојно поголем од растот, кој е проектиран на 2,9%, што во никој случај не е за поздравување, смета Бауш.



Владата за догодина предвидува 795 милиони евра за капитални инвестиции. Сепак, нивната реализација минативе години секогаш катастрофално потфрла и е многу помала од првично планирано.

– Верувајте ми, од она што го знам според извештаите на реномираните институции, како што е Светска банка, лошо ни се пишува зашто сме неспособни дома да менаџираме. На дното сме во Европа според капитални инвестиции, тука не се само патишта, тука се и болниици, учичишта кои се на забот од времето, катастрофа сме како земја, заклучува професорот.

За наредната година, државата треба да врати 800 милиони евра стари долгови, што значи дека ќе бидат потребни 1,5 милијарди евра, пари кои ќе се бараат со домашно и странско задолжување.

Инаку, Владата превидува и проекции за економски раст од 2,9% во 2023-та и дури 4,6% во следните години и сето ова во време кога Светската Банка предупредува дека земјава е на работ на рецесија.