Советник што го поддржал Јакимовски при апсењето бара тој да запре со лажење за да привлече внимание

Општински советникот кој му давал поддршка на лидерот на ГРОМ кога тој бил апсен од финансиската полиција, од градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски бара да не го злоупотребува во лагите со кои сакал да провлече внимание во јавноста.



Советникот во општина Гази Баба Живко Белчев посочува дека Јакимовски преку медиум изнесувал лаги односно измислени приказни за настани што не се случиле и го злоупотребил неговото име.

,,Со длабоко жалење за нивото на комуникација можам да констатирам дека претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски со цел да привлече медиумско внимание се служи со креирани невистинити приказни во кои со жалење можам да констатирам дека го злоупотребува моето име.

Во емисија на еден електронски медиум, Стевче Јакимовски вчера раскажува целосно измислен разговор кој јас сум го водел со Советникот од општина Илинден од ГРОМ.

Целосно го демантирам она што го кажува Стевче Јакимовски.

Со Советникот од општина Илинден освен краток пријателски разговор на средбата на обуката во Хилтон ништо друго не беше разговарано.

А кога се однесува на делот на апсење и носење со лисици, можам само да го потсетам Стевче Јакимовски кога власта го апсеше со финансиска полиција во доцните часови на таа ноќ јас бев еден од десетината луѓе кои стоеа пред зградата на Финансиската полиција за да му дадат поддршка.

На крај сакам и јавно како што тоа го сторив и во личната комуникација со Јакимовски, да го замолам да не го валка моето име во јавноста. Ниту го споменувам, ниту сакам да ме споменува” пишува Белчев.

Белчев е еден од огромниот дел од членството на ГРОМ кој ја напушти партијата откако Јакимовски влезе во неформална коалиција со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и заедно започнаа жестока војна со ВМРО-ДПМНЕ со чија помош и двајцата победија на изборите.