Буџетот во 2023 година ќе тежи 5,3 милијарди евра, приближно 600 милиони повеќе од сега. Со него треба да се платат плати, пензии, социјални трансфери, да се градат капитални објекти и да се вратат стари долгови. Дефицитот, односно задолжувањето е планирано да се искачи на речиси 700 милиони евра.
Државата планира да собере историски најмногу пари од граѓаните и стопанството и да позајми историски најмногу пари на домашниот и на странскиот пазар.
Министерот за финансии кој го презентираше предлог – буџетот за догодина, тврди дека целта е да се одржи економскиот раст, да се извршат обврските на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси.
Од Владата тврдат дека е предвидено рекордно ниво на капитални инвестиции, од 795 милиони евра или 52% повеќе од годинава. Сепак, нивната реализација минативе години секогаш катастрофално потфрла и е многу помала од првично планирано.
Владата овие пресметки ги темели на проекции за раст на македонската економија од 2,9% во 2023-та и дури 4,6% во следните години и сето ова во време кога Светската Банка предупредува дека земјава е на работ на рецесија. Владата најави дека вака скроениот предлог – буџетот ќе го достави до Собранието.





