Грчкиот европратеник Костас Пападакис смета дека целта на засилениот ангажман на САД околу Македонија е да ја приклучи на своите енергетски проекти, за сметка на Русија.
„Со ангажирањето на Американците, преговорите за прашањето за името се обновија, со цел понатамошна интеграција на соседната земја во евроатлантскиот империјализам. Ова му е претставено на нашиот народ како позитивен развој, кој може да обезбеди ‘мир’ и ‘безбедност’ во односите на Грција со ПЈРМ. Но, САД, НАТО и ЕУ не можат да обезбедат мир. САД и нејзините сојузници првенствено се заинтересирани за зајакнување на нивното влијание во ПЈРМ и нејзино приклучување на сопствените енергетски и други проекти на сметка на нивните конкуренти, како што е Русија. Покрај тоа, не можеме да заборавиме дека на границата на ПЈРМ со Косово САД ја има најголемата воена база во светот Бондстил“, изјави членот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Грција во интервју за државната новинска агенција АНА-МПА.




