„Ќе се унапредува уставно-правната позиција на Албанците“ согласно со „Тиранската платформа“ – за да станат „државотворен народ“!

„Тргувајќи од обврските преземени кон албанскиот народ во **** Македонија, од нашите заеднички заложби за заштита и унапредување на колективните права на Албанците во **** Македонија, како и од нашите обврски, што произлегуваат од ‘Заедничката декларација на албанските политички партии (‘Тиранската платформа’ – л.заб.) претседателот на Движењето Беса Билал Касами ги кани сите претседатели на албанските партии на заедничка средба“ – стои во официјалната покана, што им се доставува на лидерите на сите албански партии во Македонија и која ја објави ТВ Алсат.

Со тоа конечно се откри дека уставниот третман на албанскиот јазик и „отстранувањето на навредливата формулација ’20 проценти’ за него“, односно неговата целосна рамноправност со македонскиот јазик, не е главната, ниту единствена цел, поради која албанскиот политички фактор се повикува на обединување. Главната цел, поради која и Албанците бараат отворање и промени на македонскиот Устав, не случајно истовремено со жестоките притисоци и од ЕУ за внесување и на „македонските државотворни Бугари“ во Уставот, е конечното остварување на основниот стремеж, истакнат во „Тиранската платформа“ – Албанците во Македонија да бидат признати како „државотворна нација“.

Во поканата, која Билал Касами и Беса ја испраќаат до другите лидери на албански политички партии се нагласува: „На оваа средба ќе се расправа за унапредување на постигнатата уставно-правна позиција на Албанците во **** Македонија уште од потпишувањето на Декларацијата на албанските партии во ‘‘‘‘ Македонија, како и за обликот и начинот како албанските партии да дејствуваат координирано во текот на уставните измени, кои се очекуваат набргу.“

„Една од главните точки, за која сме се заложиле, е официјализирањето на албанскиот јазик во **** Македонија, додека со Уставот на земјата имаме потценувачка дефиниција кон албанскиот јазик. Оттука иницирањето на средбата на заедничката ‘Тркалезна маса’ има за цел да се обедини албанскиот политички фактор, заради отстранување на потценувачките термини, како што е ’20 проценти’ и за да се дефинира албанскиот јазик во Уставот согласно со нашите заеднички заложби.“

Се уште нема целосен и конечен одговор на другите партии, особено од ДУИ, дали ќе ја прифатат ова покана за заедничка средба и кога таа би можело да се одржи.