Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити вели дека со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници администрацијата ќе се деполитизира и ќе стане поефикасна.
За информациите дека се злоупотребува алатката балансер, министерот посочи дека со новото законско решение, таа повеќе нема да може да се злоупотребува.
„Тоа значи дека кандидатот кој ќе аплицира за одредена работа, откако еднаш ќе селектира националност Македонец, Албанец, Турчин или друга националност, истата нема да може да ја промени, како што е ситуацијата со ЕМБГ“, што не може да се промени, рече Алити.
Тој напомена дека ќе се воведат одредени реформи во администрацијата, бидејќи како што рече, во постоечката законска рамка има таков вакуум што им дава можност на политичките партии да вработуваат нивни послушници.
„Постојат ситуации каде без тестирања и без соодветни документи можеа да се вработат лица во јавен сектор. Тоа ние сега сакаме да го коригираме. Доколку ги видите членовите од законите сега, ќе видите дека и процесот на вработување сега е многу потранспарентен и навистина има мерит систем при вработувањето“, рече министерот Алити.







