Во интервју за денешен „Курир“, новиот српски министер за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека „сите наши партнери во ЕУ и на Запад добро ја разбираат позицијата на Србија во однос на санкциите против Русија, која е многу специфична бидејќи не ни е лесно да воведеме санкции врз кој било“, јави дописникот на МИА од Белград.



Тој рече дека не се сеќава ваквиот притисок врз Србија од 1999 година.

На прашањето дали Србија сè уште може да одолее на притисокот за воведување санкции кон Русија, тој рече дека тоа не е прашање „од вчера, тоа е тема од 2014 година, кога Западот ги воведе првите санкции против Русија“.

-И јас цело време зборувам за нашата силна позиција – нема да воведеме санкции затоа што сме единствените во Европа кои беа под санкции и тоа искуство не го посакуваме на ниту една нација. Се разбира, притисоците сега се многу посилни, а ние уште еднаш отворено им порачуваме дека сами ќе донесеме одлука, мерејќи го само нашиот и ничиј друг интерес. Еве осум месеци не воведовме санкции кон Русија затоа што добро знаеме дека не се во наш интерес. Ако нашите интереси, нашата економија и нашата политичка стабилност на кој било начин се загрозени ќе разгледаме други одлуки, но тие ќе бидат само наши одлуки и ниеден притисок тука нема да помогне“, рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија и вицепремиер Дачиќ, за ТВ Прва рече дека Западот со својот некоректен однос ја тера Србија во прегратките на Русија, Кина и другите.

На прашањето дали Русија ќе разбере доколку Србија воведе санкции, тој одговори со контрапрашање: „Дали вие мислите дека некој би ви простил за нешто во меѓународната заедница “.

Според него Србија се наоѓа меѓу два притисоци, „очекувања“ од Запад и Русија, што не е чудно, бидејќи секој си ги гледа сопствените интереси.