За шефот на македонската дипломатија спорно е отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, зашто, според него, тој не е во духот на развивање на пријателство и добрососедски односи меѓуМакедонија и Бугарија.



Тој вели дека зад отварањето на македонскиот клуб стојат финансиери чии ставови не се на иста линија со стратешките позиции на државата. 

„Да не дозволиме провокатори да ни ја киднапираат агендата“, порача Османи на денешниот брифинг со новинарите. 

Османи испитува кој стои зад македонскиот клуб во Благоевград

На прашањето како открил кој стои зад иницијативата во Бугарија, а не открил кој стои тука зад бугарските клубови, тој повтори дека не мисли дека отворањето на клубовите  е во функција на добрососедството меѓу нашите две земји.

-Кога дознав кој го финансира клубот, се ми беше јасно. Ако им ги видите позициите кон државата и стратешките позиции, не очекувам овој клуб да биде во функција на интересите на граѓание и на државите. Не ми се допаѓа оваа тенденција да се злоупотребува оваа ситуација за политички агенди, и тоа не е патот што треба да го одиме. Не можеме да дозволиме агендата некој да ни ја киднапира, гледајќи го позиционирањето на тие што стојат зад тоа“, пренесува Независен.

Како што објави „360 степени“, клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград го финансира антиамериканска и анти-ЕУ организација на Македонци од дијаспората. Отворањето на клубот кое е закажано за 30 октомври е финансирано од Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).

Клубот треба да се отвори в недела, а македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи веќе најавија дека нема да присуствуваат на настанот.

Османи вели дека нема да оди во Благоевград од истата причина поради некоја не присуствуваше ниту на отворањето на бугарските клубови во Битола и во Охрид, коишто предизвикаа бројни реакции и незадоволство во јавноста.

„Сметам дека клубот во Охрид и клубот во Благоевград не им прават услуга на двете заедници која што е во духот на добрососедство“, вели Османи. 

И клубот во Охрид, но и оној којшто е во план да се отвори во Бугарија, според него, се спротивни на интересите на македонската и на бугарската заедница во двете земји.

„Фондацијата која што стои зад клубот во Бугарија не мислам дека може да биде во функција на промовирање на интересите на Македонците таму, поради нивниот историјат. Целиот процес треба да се врати во нормален тек во духот на пријателството“, дециден е шефот на македонската дипломатија.