Che diavolo stai facendo Пендачевски – пишува Горан Момироски

Што по ѓаволите правите Пендаровски и Ковачевски со новата влада во Италија. Тоа е прашањето кое го поставувам во насловот на оваа колумна.



Можните одговори ги претпоставувам но тие не се соодветен одговор на однесувањето на македонската влада кон една од најмоќните држави во ЕУ.

Италија е трета економија во ЕУ, Италија е член на Г7 или седумте најразвиени земји на светот. Италија е основач на ЕУ и важен член на НАТО.

Италија по долго време со десната коалиција на Џорџа Мелони има влада која што може да истера цел мандат.

Но тоа не е доволно македонскиот државен врв да честита формирање на нова влада во Рим.

Молчи премиерот Ковачевски, молчи и шефот на државата Пендаровски. Цела недела откако Мелони стапи на својата функција, лидер на Италијанската влада, македонските власти не и честитаат.

Со тоа тие создаваат потенцијален непријател од земја која е децениски пријател на Македонија без разлика кој е таму на власт.

Пред само дваесетина дена во посета на Македонија беше италијанскиот претседател Матарелс но тоа не беше доволно од елитата на СДСМ од Скопје да дојде честитка за новата екипа во Рим.

Ковачевски и Пендаровски со тоа уште еднаш покажуваат дека не се дораснати за функциите кои ги водат. Дека не ги препознаваат европските и глобалните трендови и пред се не го почитуваат ставот на Европјаните , во случајот Италијанците, за тоа кој ќе ги води.

Во земја како Македонија каде претседателот и премиерот постојано прават гафови и не можат да ги погодат ниту знамињата на нивните официјални гости некој ќе рече дека се работи за пропуст, за неспособност на кабинетите на премиерот и претседателот.

Но во случајов не е само недоветност, овде е јасно дека станува збор за речиси отворен непријателски однос на левичарската македонска власт кон десничарската Италијанска влада на Мелони.

Да не беше инцидентот со лидерот на партијата ПОЕН Рубин Земон кој новата италијанска влада ја нарече фашистичка Ковачевски и Пендаровски можеа да кажат дека се неспособни и дека заборавиле да и честитаат на Мелони.

Но по скандалот со Земон кој врши високи функции во владата на Ковачевски а за кој владечката коалиција не се огради од него јасно е дека владата отвора дипломатска војна со владата на Мелони во Рим.

Оваа војна која што ќе биде на штета на Македонија е идеолошка затоа македонската левица на власт не може да прифати дека во Рим веќе не владеат левичарите кои ја донесоа СДСМ на власт.

Каква глупа политика е тоа ако се види кој се од македонското соседство и честиташе на Мелони.

Двајцата партнери на Ковачевски во ,,Отворен Балкан” Еди Рама и Ана Брнабиќ и упатија честитки на Мелони. Тие ги надминаа своите идеолошки позиции, Рама како човек близок на Сорос а Брнабиќ како дел од ЛГБТ заедницата и изразија надеж дека ќе соработуваат со десничарската влада на Мелони која се бореше со луѓето и принципите на Сорос во екс италијанската влада и застапува семејни вредности кои одат во правец на заштита на традиционалните семејни и сексуални вредности.

Од Брисел честитките за Мелони дојдоа од Урсула фон дер Лајен, од Шарл Мишел но и од генералниот секретар на НАТО Столтенберг.

Од Вашингтон честитка на новата италијанска влада упати државниот секретар Антони Блинкен.

Хрватскиот и грчкиот премиер Пленковиќ и Мицотакис, австрискиот премиер Немехер, полскиот премиер и многу други европски лидери од сите идеолошки матрици преку социјалните мрежи и честитаат на Мелони и нејзината влада. Само официјално Скопје молчи.

За разлика од целосниот молк на Ковачевски и Пендаровски (освен ако не упатиле тајни честитки што би било посебен скандал), министерот за надворешни работи Османи му ја честиташе функцијата на својот колега Антонио Тајани иако како претседавач со ОБСЕ мораше да честита и избор на новата влада на моќната Италија.

Се на се, уште еднаш власта на СДСМ и ДУИ покажаа дилетантизам и политичка суета.

Благодарноста на Ковачевски, неговиот ментор Заев и на Пендаровски кон луѓето од тајните служби во Рим под контрола на италијанската левица кои што пред 6 години им помогнаа да дојдат на власт е една работа, но сериозната дипломатија е сосема друга работа.

Особено ако со тоа правите штета на својата земја и ја туркате во конфликт со важна членка на меѓународната заедница од која може да зависи иднината на Македонија во ЕУ.

Ако и по оваа колумна Ковачевски и Пендаровски молчат јасно е дека тие навистина не можат да се оттргнат од интересите на своите идеолошки ментори во Рим кои ги донесоа на власт во 2017 година. И за тоа ќе платат политичка и дипломатска цена. Заедно со нив и цела Македонија.