Џамбаски: Недопустливо е во срцето на Пиринска Македонија да се отвори клуб што ќе сее сепаратизам и антибугарски тези

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, растревожен од најавата за отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ на 30 октомври во Благоев град, се обрати со писмо до Владата и до премиерот Галаб Донев во кое го изразува своето категорично противење.



„Недопустливо е во срцето на Пиринска Македонија да биде отворен клуб кој ќе сее сепаратизам и антибугарски тези. Потсетувам дека против тоа се изјасни и Советот на Општина Благоевград, кој донесе декларација за оваа тема“, пишува сопретседателот на ВМРО-Бугарско национално движење.

Тој бара одговори на прашањата дали во организацијата на клубот има лица поврзани со „сепаратистичките организации“ ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден“ – ПИРИН, дали има доставени информации и барање од официјалните власти на Македонија за отворање културен клуб во Благоевград и како тој ќе се администрира.

На Џамбаски му пречи и најавеното присуство на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на отворањето на клубот.

„Се сеќавам на неговите зборови дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е ‘отровен плод’, како и неговиот став за отфрлање на Договорот од страна на Северна Македонија. На неговите антибугарски манифестации можеме да ја додадеме и поддршката за сторителот на палењето на бугарскиот културен клуб ‘Иван Михајлов’ во Битола, како и многу други“, му пишува Џамбаски на Донев.