Претседателката на владата на Италија побарала, во официјална комуникација, да и се обраќаат во машки род. Во соопштението на административната служба стоело: „прес-службата на претседателот Џорџа Мелони” или „како што изјави претседателот на советот на министри…”, пишува италијанскиот весник „Ла Република”.
Веб-страницата на италијанското Министерство за јавна администрација објави извадоци од публикацијата Препораки за несексистичка употреба на италијанскиот јазик од 1987 година, во која на страница 112 пишува дека правилната употреба е „претседателката Марија Роси“, а не „претседателот Марија Роси“ . Но, во документот се наведува и дека кога постои експлицитна желба да се користи машки род, тоа не е граматичка грешка.
Во италијанскиот јазик зборот за претседател е ист „Presidente“, а граматичкиот род се одредува само со членот – во машки род „il“, и во женски род „la“.
Клаудио Маразини, претседател на институцијата Академија дела Круска, која се занимава исклучиво со лингвистиката и филологијата на италијанскиот јазик, истакнува дека женскиот род е легитимна граматичка форма, па дури и ако Мелони претпочита да ѝ се обраќаат во машки род, секој може да ја избере формата што ја сака.
Поранешната претседателка на Претставничкиот дом Лаура Болдрини, која се бори да се посвети поголемо внимание на положбата на жените, не е изненадена од потегот на Мелони. „Нејзината партија се вика Браќа на Италија, сè се врти околу мажите, нема вистинско признание за жените во нејзината политика, ниту со зборови ниту со дела“, изјави претставничката од редовите на Демократската партија, пренесува весникот.





