Власта не знае кај тера, наместо да купи гас за топланите, продолжува да купува месец за месец

Гас за работа на скопските топлани има за уште само 6 дена. Власта повторно потфрли, па наместо да набави гас до крајот на грејната сезона, продолжува да купува месец за месец. Само една понуда за гас за скопските топлани пристигнала на адреса на државните електрани. Макпетрол повторно се јави со количини и цени за потребите на АД ЕСМ. Другите понуди биле неофицијални – велат од државната компанија. Од одговорот на ЕСМ, извесно е дека комплетна понуда има само од една фирма, па веројатно ќе се купи гас само за наредниот месец, а Макпетрол повторно ќе биде снабдувачот со гас за ноември.



„За гасот имаме официјална понуда од Макпетрол. Втората понуда од странската компанија е информативна, треба да ја комплетираат со сите податоци и да ја испратат во официјална форма. За ноември за топланите ќе набавиме количини од Макпетрол“ – велат од ЕСМ.

Рокот за доставување на понуди истече во петокот минатата недела. Засега не се знае кога и дали навреме би се склучил договорот за ново снабдување. Гас за работа на топланите има за уште 6 дена. Премиерот Ковачевски вели дека ако има поволни понуди и приватната ТЕ-ТО може да купи гас по пониски цени.

Директорот на ЕСМ Ковачевски претходно уверуваше дека очекува две до три сериозни понуди. Меѓу нив, и швајцарската ПГО, инаку предлог на опозицијата требаше да излезе со поволна понуда. Неофицијално и две странски компании биле заинтересирани да понудат количини по пониска цена од онаа по која Макпетрол му продаде гас на ЕСМ за последните две недели од октомври. ЕСМ бараше над 250 милиони кубни метри гас за да може цела грејна сезона да работат двете топлани Исток и Запад, но и ТЕТО.