За 51 отсто Бугари, Македонците се близок или еден ист народ со нив

Секој втор Бугарин, поточно 51 отсто, смета дека Македонците се близок или еден ист народ со нив, покажува истражувањето на Институтот за политика од Софија, кој вчера организира форум во Струмица, на кој се обрати и македонскиот премиер Зоран Заев. Мнозинството од нив се на возраст меѓу 26 и 35 години и над 65 години.



На прашањето, пак, дали постои македонска нација различна од бугарската, 72 проценти од анкетираните одговориле дека македонската нација е создадена во 20. век и е блиска до бугарската.

„Робуваме на митови за тоа како се одразила поновата историја на Бугарија врз односите меѓу двата народа. Сметав дека тие односи се разрушени. Резултатите, пак, покажуваат дека Бугарите ја исполнуваат содржината на поимот ‘толерантност’ кон Македонија и македонските граѓани“, изјави Антоанета Христова, директор на Институтот за политика.

Во однос на македонскиот јазик, дури 91 отсто Бугари тврдат дека тој е еден и ист или со заеднички корени со бугарскиот, а само осум отсто сметаат дека тие се различнијазици. Сепак, 43 отсто од испитаниците, при што доминираат тие до 65 години, ѝ го признаваат правото на Македонија да си го определи јазикот како посебен.

Според 85 проценти од Бугарите, минатото создало вештачка оддалеченост меѓу граѓаните од двете земји, како и дека двете држави и нивните граѓани имаат заедничка историја или периоди на таква. Најмалку запознати со историјата на Бугарија и на Македонија се младите од 18 до 25 години, на кои отпаѓаат 30 проценти.

Вредноста на „заедничката историја“ ја признаваат 64 отсто анкетирани, но за 27 отсто тоа нема врска со современоста.

Дури 87 отсто Бугари научиле нешто за соседот или го смениле мислењето за него во позитивна насока по склучувањето на Договорот за добрососедство на 1 август, по кој е и спроведено истражувањето.