Украина се соочува со најтешката зима досега, која ќе биде обележана со постојани прекини на струја, изјави Јуриј Витренко, шеф на државниот енергетски гигант „Нафтогас“.
Во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“, Витренко тврди дека „околу 40 проценти од постројките за производство на електрична енергија се уништени“ од руските воздушни напади.
„Ова ќе биде најлошата зима во нашата историја. Очекуваме постојани прекини на струја и проблеми со греењето“, изјави Витренко, додавајќи дека Москва ги погодила и рафинериите.
Украина се подготвува за зимски прекини, рече шефот на „Нафтогас“, признавајќи дека „невозможно е да се спречат проблемите 100 отсто“ и затоа на земјата ѝ треба помош од нејзините поддржувачи.
Во интервју за „Гардијан“ кон крајот на август, долго пред Русија да ја започне својата офанзива против украинската енергетска инфраструктура, Витренко призна дека без западната финансиска поддршка на Украина „ќе ѝ недостига гас“ и, следствено, може да доживее пад на нејзиниот електроенергетски систем.
Во септември шефот на „Нафтогас“ ги повика Украинците да се снабдат со ќебиња и со топла облека, истакнувајќи дека овогодишната грејна сезона ќе започне подоцна и ќе заврши порано, додека зимските температури во становите ќе бидат поставени на 17-18 степени Целзиусови, четири степени под стандардната температура.
Тековното гранатирање на украинската инфраструктура од страна на Москва го поттикна украинскиот претседател Владимир Зеленски минатата недела да побара од своите сонародници да го намалат притисокот врз енергетскиот систем со ограничување на употребата на електрична енергија помеѓу 17 и 23 часот.
Во неделата тој исто така побара од локалните власти „многу свесно да трошат струја“ и нагласи дека „ова не е вистинско време за осветлени излози и знаци“.





