Граѓани, а не Бугари во македонскиот Устав!

Изненаден сум, а малку и разочаран, од неподносливата леснотија со која политичарите од власта изразуваат одлучност да се промени Преамбулата на македонскиот Устав, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски сега изразува спремност да разговара за тоа прашање.



Проектот што го заговара владата на СДСМ и на ДУИ, под притисок на меѓународната заедница, е Бугарите (а веројатно и Црногорците и Хрватите) да бидат „внесени“ во Преамбулата. Мицкоски вели дека би разговарал не само за оваа промена, туку и за барањата на Албанците да се избрише условот 20-процентна застапеност на етничката заедница чиј јазик ќе биде во рамноправна службената употреба со македонскиот.

Под претпоставка неговиот исказ да е точно цитиран, Мицкоски рекол:

„Јас сум подготвен за сѐ да зборувам. Ајде аргументите да ги ставиме на маса. Ако ја смениме Преамбулата, ќе бидеме ли во 2030 година членка на ЕУ, ќе потпише ли некој дека ќе бидеме членка како што ни ветуваат, ќе донесе ли Европскиот парламент заклучок и резолуција со кој се признава посебноста на македонскиот јазик?“

Можат ли Бугарите да се најдат во нашата „приказна“?

Во моето разбирање на политиката, Уставот е најважната книга што мора да ја прочита, да ја разбере и да ја научи еден политички лидер. И секако, еден пратеник во Собранието. Уставот за политичарот е како Библијата, Талмудот или Куранот за свештеникот. Доброто познавање на Уставот и на политичкиот систем за политичар од висок ранг е мерка на неговата функционална писменост.

И затоа, и премиерот и лидерот на опозицијата мора да знаат дека Уставот и неговата Преамбула немаат апсолутно никаква врска со било каков и било чиј потпис дека ќе сме станеле членка на ЕУ до 2030 година, а уште помалку со некаков заклучок или резолуција на Европскиот парламент со кој би се признала посебноста на македонскиот јазик. Поставувањето такви услови за евентуални промени во конститутивниот акт е исто толку нелегитимно и несериозно каква што е уцената Македонија да го смени Уставот за да ги почне преговорите со ЕУ.

Освен тоа, премиерот, лидерот на опозицијата, министрите и пратениците треба да сфатат дека не е можно во Преамбулата на македонскиот Устав да се „додадат“ Бугарите, со „допишување“ на списокот на сите други народи чии делови живеат во Македонија и сега се набројани. Таквата промена на Уставот ќе бидат спротивна на суштината на Преамбулата, која во основа е еден наратив за тоа како е создадена македонската држава, од кого и со каква идеја и вредности.

За да се најдат Бугарите во оваа „приказна“, Преамбулата мора суштински, би рекол дури и драматично да се промени, на начин што за македонскиот народ е целосно неприфатлив.

Целата колумна на Бранко Героски на следниот линк:

https://plusinfo.mk/gra-ani-a-ne-bugari-vo-makedonskiot-ustav-mozhe-li-i-vo-preambulata-da-pobedi-konceptot-na-gra-anski-suverenitet/