Мизрахи: СДСМ и ДУИ само привидно даваат поддршка за забрана на фашистичките клубови

Рашела Мизрахи е Еврејка од Македонија, доктор на ветеринарни науки и пратеничка во македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш и во секоја прилика жестоко и без влакна на јазикот ги брани своите ставови. Па така и оној за односот на власта кон формирањето на бугарските здруженија во Македонија и наводната поддршка за предложените измени во Законот за здруженија и фондации. За Мизрахи таа поддршка е само привид. Токму на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во интервју за МКД.мк, Мизрахи одговара зошто ѝ сметаат бугарските здруженија во Македонија, што точно ѝ забележува на власта и каква поука треба да извлечеме од досегашното отворање на двата бугарски клуба во Битола и во Охрид.



Кои се причините за вашата жестока реакција за отворањето на бугарските клубови „Ванчо Михајлов” во Битола и „Цар Борис Трети” во Охрид?

– Јас не сакам да навлегувам во внатрешните работи на источниот сосед (Бугарија н.з.), туку само сакам да ги презентирам историските факти и докази за вистината, која се чини актуелната власт намерно ги заборава дозволувајќи ревидирање на македонската светла историја. А фактите велат дека шест месеци по отворањето на бугарскиот „културен” центар во Битола, „Иван Ванчо Михаилов”, на седми октомври годинава се отвори и втор таков „културен” центар во Охрид, со уште попровокативно име, „Цар Борис Трети”. А тоа е човекот кој на 21 јануари 1941 го потпиша со Указ бр.3 Законот за заштита на нацијата кој е еквивалент на истоимениот Нирнбершки закон со кој се уредува „еврејското прашање” во фашистичките и нацистичките земји. По ова, законот е издаден во службен весник на 23 јануари 1941 година со што стапува на сила. Тоа е човекот кој како одговор кон Светиот синод на Бугарската православна црква ќе каже дека еврејството со векови создава омраза, безверие, неморал и родоизмама, дека еврејството е пречка за слободно и благополезно развивање на европските народи и дека тоа е виновно за сите конфликти, војни, злонамери вклучително и светски заговори и катаклизми. Ова воедно бил и чистиот антисемитски став на Хитлер.

Жестоко и без влакна на јазикот ја критикувате власта. Што точно ѝ забележувате?

– Очекував процесот на отворање на „културни” клубови со имиња на фашисти да биде осуден и спречен уште по отворањето на првиот во Битола, поради општествената сенародна осуда и историската вистина. Очекував институционална и државна реакција. Но ништо. Само институционален молк диригиран од нашата парализирана влада и безрбетни министри. Дали Владата и парламентарното мнозинство само си играат антифашисти?

Сепак пратениците од мнозинството во Собранието гласаа „за” потребата од измени на Законот за здруженија и фондации, чиј предлагач сте токму вие?

– На седми октомври, на денот на отворањето на „културниот” клуб на фашистот „Цар Борис Трети”, пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ и коалицијата достави предлог-закон за измена и дополна на Законот за здруженија и фондации со што процесот на отворање на вакви клубови чии имиња асоцираат или на било кој начин се дел од најцрниот период од поновата човечка историја би се стопирал во целост. Предлогот доби зелено светло од Владата и од парламентарното мнозинство, но само декларативно. На седницата одржана на 17 октомври беше донесена само потребата од вакво законско решение. Иако јас и професорката Гордана Силјановска Давкова баравме измени на дневниот ред и овој предлог-закон за измени и дополнувања да добие приоритет за разгледување и гласање мнозинството претставено од СДСМ и ДУИ реши дека законот за козметика, на пример, е поприоритетен од борбата против фашизмот. Што значи ова? Ова значи дека поддршката од мнозинството по прашањето на стопирање на процесот на отворање на вакви клубови со вакви имиња е само привид. Законот ќе се одолговлекува во парламентот до недоглед и е сериозно дискутабилно дали воопшто ќе се донесе. Спротивно на ова, владеачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ се обидува на македонската јавност, на меѓународната заедница, амбасадите, на ОБСЕ и на ЕУ Делегацијата во Скопје како и на еврејските здруженија од целиот свет да им подметне приказна дека предлог-законот е усвоен и прашањето е затворено.

Целото интревју на следниот линк:
https://www.mkd.mk/makedonija/politika/mizrahi-choveshtvoto-se-ushte-nosi-luzni-od-strashnata-vistina-za-fashizmot