Буквар на албански јазик по мерка на министерот и по директива од Албанија

Унифицираниот буквар на албански јазик за прво одделение за училиштата во Албанија, Косово и Македонија отвора повеќе дилеми кои може да допрат и до прашањето за суверенитетот на нашата држава. Но изворот на проблематичните прашања може да се побара во тоа дека во Македонија Министерството за образование се претвори во неформален главен и единствен издавач на учебници и наставни материјали. Такво нешто не постои во демократски земји, велат упатените и предупредуваат дека министерот има одврзани раце, преку давање на иницијативи, да добие и формално одобрување за учебник каков што наумил. Како што е тоа случај со овој буквар.



Идејата да се создаде и издаде унифицирано издание на буквар на албански јазик паднала во Призрен во ноември 2012 година, кога на одбележувањето на 100 годишнината од формирањето на Албанија како држава се собраа политичари и дејци од разни области од сите земји од регионот каде тие живеат. Изградба на чист литературен албански јазик во сите краеви, беше нивната идеја, а не бележење на граници на голема Албанија. Барем така беше кажано тогаш, со нагласување на фактот дека во делови од Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, дијалктите се така силно раширени и меѓу високо образованите луѓе, што се расипува јазикот, а тоа е отидено до таму што понекогаш доаѓа до проблеми во комуникацијата, па на помош за одредени работи луѓето се доразбираат на македонски или српски јазик или пак, на друг јазик. Се разбира, букварот не ги решава тие проблеми, зашто се учат само буквите со мали досетливи реченици кои лесно се думаат и шарено илустрирани страници. Литературниот јазик се гради низ образование и читање книги. Сепак, сѐ почнува од „најмали нозе” преку буквар.

Минаа турбулентни години во регионот, политичарите си ја бркаа работата за освојување на власта, а идејата остана во фиока. Кон крајот на минатата година, фиоката ја отворил албанскиот премиер Еди Рама. И веднаш решил да разговара со косовските власти и да се напише унифициран буквар. Согласноста ја добил веднаш. На крајот на летово дојде до промоцијата на буквар за првоодделенците од Албанија и Косово. Во таа пригода, Рама најави дека ќе разговара и со Скопје, Белград и Подгорица овој обединет буквар да дојде во рацете на децата во сите албански семејства. Рече дека ќе се погрижи букварот да замине и во дијаспората. „Јазикот е нашиот идентитет, за неговото негување ние како власти сме одговорни”, ќе рече Рама.

Македонскиот министер за образование Јетон Шаќири веднаш пројави интерес за иницијативата. Најпрво, и самиот присуствуваше на свечената церемонија во Тирана кога беше промовиран букварот, одржа и говор пред присутните заблагодарувајќи се што од така респектирани автори, како што нагласи, е создаден буквар за сите Албанчиња, а потоа, кога Еди Рама започна на деца да им подарува буквари, весело се придружи и Шаќири и подаде неколку примероци од букварот на среќни деца.

За да го „увезе” букварот, Шаќири имаше алатки во Бирото за развој на образованието. Букварот беше доставен за одобрување и неодамна го доби зеленото светло. Букварот „Абетаре” од авторите ќе се диструбира во училиштата во Македонија. А дали веќе е дистрибуиран и во колку училишта, таков одговор МКД.мк сѐ уште чека од Министерството за образование.

Минатиот месец министерот Шаќири соопшти дека со посебно задоволство ја споделува информацијата за давање согласност за употреба на Буквар за ученици од прво одделение на албански наставен јазик во учебната 2022-2023 година. На веќе спомната церемонија во Тирана, албанскиот премиер Рама рече дека букварот е дело на заеднички напори на Албанија и Косово. Албанскиот премиер кажа и дека е среќен што од тој буквар ќе се учи и во Македонија.

Целиот текст на следниот линк:
https://www.mkd.mk/makedonija/obrazovanie-i-zdravstvo/bukvar-na-albanski-jazik-po-merka-na-ministerot-i-po-direktiva-od