Петнаесетина автобуси на ЈСП „Скопје“ ќе останат на улицата Илинденска додека Владата не исплати пари за ученички и студентски билети, велат од Град Скопје.



Според надлежните од претпријатието и Град Скопје, Министерството за образование им должи 2 милиони евра, додека Владата и Министерството велат дека нема никаков долг.

Претседателот на синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски синоќа изјави дека по налог на градоначалничката Данела Арсовска пред Владата останале 15 автобуси.

„Тоа е еден вид притисок врз Владата за што побрзо да го реши тој нивен клинч околу долговите што Владата ги има кон ЈСП за блок дотациите за превозот на средношколците и студентите во градот Скопје“, рече Стојановски.

Градоначалничката Данела Арсовска и Град Скопје со ова практично сами го блокираат сообраќајот во главниот град, оти автобусите ја блокираат целата прометна улица и во сообраќајниот шпиц се прават километарски колони.

Автобусите беа паркирани на булеварот Илинденска пред Владата во средата, во знак на простест затоа што Владата не ги исплатила парите.