Борис Џонсон се обидува да се врати на политичката сцена, во борбата за раководството на ториевците по оставката на премиерката Лиз Трас, пишува британскиот весник „Тајмс“.
Шест недели по напуштањето на функцијата, поранешниот премиер побара од своите сојузници, донатори и тимот што му помогна да победи на општите избори во 2019 година, да водат кампања за него да се врати на Даунинг стрит 10.
Во натпреварот, Џонсон треба да се соочи со Риши Сунак, поранешниот министер за финансии што го обвинува за неговото отстранување од функцијата и Пени Мордант, лидерот на Долниот дом.
Враќањето на Џонсон на политичката сцена ќе ја продлабочи поделбата во Конзервативната партија, при што најмалку тројца пратеници се подготвени да дадат оставка наместо да се вратат под негово водство.
Велика Британија ќе има нов премиер во рок од една недела на скратен распоред за да ги смири пазарите по превирањата од најкраткиот мандат на Лиз Трас досега како премиер.






