Во германскиот град на североистокот на Германија изгоре хотел во кој престојуваа бегалци од Украина.
Неколку дена претходно на ѕидот на хотелот се појавија кукасти крстови.
„Шокиран сум и лут. Досега немавме активности овде со десничарска радикална позадина“, рече градоначалникот на Бловаз, Тино Шмит. Тој рече дека досега немало непријателство кон бегалците од Украина.
Пожарот почнал да се шири од предната страна на зградата синоќа, а до утрото зградата на хотелот била целосно опожарена.
Во хотелот до синоќа биле сместени 14 бегалци од Украина, кои биле навреме евакуирани.
Во понеделникот, социјалните работници кои се грижат за бегалците исто така пријавија дека некој нацртал кукасти крстови на ѕидот на хотелот.
Полицијата истражува можна поврзаност меѓу овој настан и пожарот во хотелот.
Во последните неколку недели во германските градови, особено во источниот дел на земјата, се одржуваат протести против бранот поскапувања, со барање за промена на односот на Германија кон војната во Украина и прекин на испораката на оружје.
Делови од овие протести се насочени против пристигнувањето на бегалците од Украина во Германија.
Десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) се јавува како коорганизатор на протестите, која во парламентот се залага и за промена на политиката кон војната во Украина.







