Скопјани и денеска ќе останат без услугите на Јавното сообраќајно претпријатие – автобусите останаа во своите автобази во Автокоманда и Ѓорче Петров, поради протестот на возачите кои бараат исплата на платите за септември.



Работниците се собрани во кругот на базите и протестираат, барајќи исплата на септемвриската плата, додека само приватните превозници продолжуваат да возат по нивниот распоред.

Продолжување на протестот кој започна вчера го најавија синдикалните претставници при ЈСП „Скопје“ кои кажаа дека возачите денеска нема да возат зашто се гладни и уште еднаш побараа исплата на платите.

„Се договоривме денеска пред новинарите, дека утре во 04 и 30 наутро јавен превоз нема да има. Возачите се гладни“, изјави Миќо Стојановски еден од синдикалните претставници.

Тие се извинија на граѓаните, со образложение дека ова морало да се случи за еднаш засекогаш да се реши проблемот со редовни плати во ЈСП.

Утрово вработените порачаа дека нема да возат на линиите се додека не ја добијат својата плата.

Пред камерите изјавија дека им се вршат притисоци, а од в.д. директорот Александар Стојковски побараа да не биде партиски послушник туку да се одважи и да им се придружи.

Советниците на Град Скопје, на вчерашната маратонска седница со 24 гласа „за“ донесоа заклучок со кој ја задолжуваат градоначалничката Данела Арсовска во соработка со надлежните сектори најдоцна до утре напладне да достави одлука до Советот за прераспределба на градските пари со кои ќе му се овозможи непречено функционирање на јавното претпријатие.

„Воедно и се препорачува на Владата на РСМ да ги исплати сите заостанати средства на Јавното претпријатие“, се вели во заклучокот за кој гласаа советниците по четиричасовната расправија.

Од синдикатите вчера за МИА изјавија дека градоначалничката Данела Арсовска ќе мора ваквата одлука да ја донесе уште денес, затоа што, според нив, петок е многу доцна.

Следната седница на Советот е закажана за утре во 14 часот, но постојат можности и денеска да биде свикана вонредна седница на градскиот Совет доколку биде доставена одлуката.