Околу 170 вработени од БЕГ/ Топлификација, професионалци, работници со долгогодишен стаж ,,извисиле” за работа при префрлањето кон новата компанија ЕСМ Снабдување со топлина, тврдат вработени кои со години работеле во фирмата каде со децении се грижеле за парното на Скопјани.
Expres.mk го следи случајот подолго време и во интерес на работниците до сега чекаше со објавување на скандалот со надеж дека работите сепак ќе бидат во полза на работниците.
Имено, кога започна процедурата за одземање на лиценцата на БЕГ и одлуката за формирање на ново претпријатие ЕСМ топлификација, на еден од собирите на вработените коишто се грижеле за својата иднина, според нивни сведочења, лично Марко Бислимовски усно им ветил дека еден од условите за ЕСМ да добие лиценца е да бидат преземени сите вработени и ангажирани во БЕГ, коишто три години работат на иста дејност.
Но, како и вообичаено, додека очите на целата јавност беа вперени дали ќе има гас и дали воопшто ќе има парно, дали БЕГ/ Адора ќе ги даде топланите, дали воошто ЕСМ ќе добие лиценца за работа, дури и во овие услови власта веројатно увиде можност за партизација и вработувања „на свои пожелни“.
Како први вработени во новата компанија беа оние од Градски енергетски системи, фирма формирана од Град Скопје под Петре Шилегов со поддршка од владата. ГЕС со години немаше никакви приходи, но делеше плати за вработиените, на пример за 2019 година за плати биле потрошени 9,78 милиони денари за 13 вработени. ГЕС како што е познато, беше „угаснато“ од Данела Арсовска, којашто потенцираше дека за три години потрошиле милион евра а не сработиле ништо.
Потоа следеле огласи во три наврати, каде што за раководни позиции со добри плати биле избрани луѓе коишто, според кажувања се далеку од најдобрите.

На пример, дури и во јавниот оглас, впрочем објавен на втори септември (петок) во траење од три дена (понеделник), за раководител на „Наплата“ за плата од 46.757 денари се бара покрај општите услови да има завршено економски, електротехнички или, последно, факултет за туризам и угостителство, факултет каков што има само во Охрид, и токму каков што има завршено примениот кандидат. Или пак на оглас за помошник директор, каде што се бара тригодишно искуство во дејноста,за плата од 48.822 денари, да биде примен тукушто дипломиран кандидат со само 22 години. Тука е и огласот за само еден Референт, каде што за 31.044 денари се бара завршено средно училиште или гимназија и само една година искуство.

И при ваков оглас, вработените посочуваат дека постоело и фаворизирање по друга, секако, политичка линија. Па така велат изворите, дел од примените на раководни позиции биле примени иако воопшто не аплицирале. На други им било давано да ги сменат апликациите среде конкурс. Трети пак, а таа е најголемата група минувале низ филтерот на „рекла казала“ политичка припадност. Па дури и луѓе од надвор биле примани на места, каде што било потребно мајстворство и искуство. Со ваквото сито, на улица се останати околу 75 работници од делот Дистрибуцуја, 35 од Снабдување како и добар дел од оние 70-тмина во Производство, за коишто оглас имаше распишано најдоцна.
Се работи за луѓе, професионалци во својата дејност, работници коишто имаат огромен дел од својот живот го минале и го вградиле во Топлификација, потоа биле преземени од БЕГ, а сега иако топловодниот систем во градот го знаат најдобро, се оставени на улица. Со право стравуваат за својата иднина. Револтирани од состојбата, посочуваат дека иако усно им било ветено од Бислимовски дека нема да издаде лиценца за ЕСМ додека и последниот од нив не биде преземен за работа, самиот старт и скандалот со ангажирањето на ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери, Бесиана Џафери Бекири за член на надзорен орган на една од трите новоформирани фирми на ЕСМ.

Регулаторна комисија во последен рок издаде лиценца на ЕСМ за парно, грејната сезона започна со студени радијатори, а 170 семејства останаа без мајсторска плата и покрај ветувањата на Марко Бислимовски. Проблемот е дупло поголем. Идните проблеми во топлификационата мрежа без мајсторска рака нема да може да ги реши ќерката на Талат Џафери, ниту дипломата од туризам. Од друга страна гладните усти на 170 извисени семејства по лажната надеж од Марко Бислимовски веројатно нема да останат во Македонија.






