За денеска е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје, по барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се пренаменат средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“.



„Бараме градоначалничката Данела Арсовска заедно со надлежните сектори до петок до 12 часот да донесе одлука за пренамена на пари за ЈСП ‘Скопје’ како би се овозможило непречено функционирање на претпријатието и исплата на плата.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи граѓаните на Скопје да останат без јавен превоз“, стои во иницијативата за свикување вонредна седница, која ќе се одржи денеска во 14 часот.

Возачите уште пред два дена најавија дека нема да возат бидејќи уште немаат земено плата за септември.

Тие побараа од Арсовска да обезбеди пари за плати и за наредните месеци.

Арсовска не се смета за одговорна за ваквата состојба во која се најде Скопје туку ја обвини Владата бидејќи не префлиле на Градот 2 милиона евра за ученички и студентски билети. Таа кажа дека со ЈСП сосе автобусите денес во 12 часот ќе протестираат пред Влада.

Скопје денеска остана без јавен превоз откако автобуските беа повлечени поради дојава за бомба.

МВР го приведе лицето што ја направи дојавата.