Руските напади предизвикаа прекин на струјата низ цела Украина

Експлозии се слушнаа утрово во главниот град и облаци чад се извиваа околу електраната во близина на реката Дњепар.



Струјата и водата беа прекинати во Житомир, западно од Киев, а два објекти беа тешко оштетени во Дњепар.

Последните напади се случија 24 часа откако Киев беше погоден од беспилотни летала „камикази“.

Беспилотните летала, за кои се верува дека се од иранско производство, убиле најмалку пет лица во главниот град и четворица во северниот град Суми и ја погодиле критичната инфраструктура, при што е забележан прекин на електричната енергија во стотици градови и села.

Претседателот Володимир Зеленски денеска на Твитер објави дека во изминатите осум дена „30 отсто од електраните во Украина се уништени, предизвикувајќи масовни прекини на струја низ целата земја“.

Русија во последниве недели ги засили нападите врз електричната инфраструктура во градовите далеку од првите линии на фронтот. Властите побрзаа да ја санираат штетата, но нападите, пред зимата, предизвикаа загриженост за тоа како ќе реагира системот.

Не беше веднаш јасно до кој степен денеска биле вклучени беспилотни летала, иако Украина соопшти дека руските бомбардери истрелале проектили и дека една противвоздушна ракета С-300 погодила станбена зграда во јужниот град Миколаев во текот на ноќта, при што загинало едно лице. Уништен е и цветниот пазар во градот.