Новата Влада на Македонија мора да ги разурне „Санстефанската“ и „Преспанската пештера“, а не да влегува во нив!

Пишува: Свето Тоевски



Какво било повторно преговарање со Бугарија во врска со „Договорот за добрососедство“ е исто како да ја поправате една куќа изградена со целосно искривени ѕидови и со дупнат кров! Во таквата „антимакедонска куќа“ нема услови за живот, таа мора да се урне без премислување и на нејзино место да се изгради нова куќа со здрави темели, ама ако тоа го прифаќа соседот!

„Бугарскиот договор“ мора апсолутно да се разгледува и да се третира во една нераскинлива целина со „Преспанскиот договор“ и тие двата се „темни пештери“, во кои се масакрираат македонскиот дух и македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, македонското минато, сегашност и иднина! Тие пештери Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото Македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот!

Може ли да има преговарање меѓу македонскиот антифашизам и бугарскиот новофашизам?!

Какво било повторно преговарање со Бугарите околу „Договорот за добрососедство“ е преговарање меѓу македонскиот антифашизам и бугарскиот новофашизам! Tоа би било преговарање со „санстефанската“ великобугарска платформа за уништување на македонизмот, на Македонците како народ и на Македонија како негова држава!

Какво било повторно преговарање со Бугарите е и прифаќање на позицијата на инфериорност, на позиција на послабиот! Македонија по Втората светска војна излезе како антифашистичка држава-конституент на југословенската федерација, а Бугарија како поразена држава – членка на фашистичката коалиција со Хитлер и нацистичка Германија!

Оваа позиција мора да се возбнови во сите натамошни контакти меѓу македонската и бугарската држава. Зошто сега Македонија да гази врз славата на своето партизанско антифашистичко минато? За какви „европски вредности“ би требало да ги „трампаме“ АСНОМ, Илинден, Македонското Кресненско Востание, Гоце Делчев, цар Самуил, Климент Охридски, браќата – Македонци Кирил и Методиј?!

ЕУ се откажа од себе, а зошто и ние, Македонците да се откажеме од себе?!

Во име на што да се откажеме од јазикот и коските на нашите македонски претци?! Во име на што да се откажеме од целата автентична и бурна македонска историја на бунтови, непокор и војни за слобода, за создавање самостојна, слободна и суверена македонска држава?! Та и и беглиот поглед врз Европската Унија е доволен да се сфати дека таа самата се откажа од своите цивилизациски вредности, првично прокламирани од нејзините визионери и втемелувачи Моне и Аденауер.

ЕУ ја губи својата високотехнолошка моќ. Нејзиниот капитал се „испумпува“ од страна на САД, напредните технологии и инвестицискиот капитал се префрлаат преку океанот, или во правец кон Азија. Европа се помалку е „долината на медот и млекото“, а се повеќе е „долината на социоекономскиот плач на европските народи“, на темнината и студот без струја и други енергенси. Протестираа 80 илјади Чеси пред некое време, 100 илјади Французи во Париз пред неколку дена, стотици илјади британски семејства не плаќаат сметки за струја и гас, оти и немаат пари за тоа, туку само за основна живејачка…За Македонија кај е и што е со неа, да не зборуваме…

Македонците очекуваат од следната Влада на Македонија да ги раскине безусловно и императивно и „Бугарскиот“ и „Преспанскиот договор“! Никакви нови преговори! Моментно расформирање на сите историски и какви било други комисии! Веќе постојат правни клаузули за раскинувања на двата „добрососедски акта“, вградени во самите нив, но и во нормите и принципите на меѓународното право. Тоа сосема јасно и добро го имаат веќе објаснето експертите за меѓународно право и меѓународни односи.

Оваа сегашнава пробугарска намесничка Влада во Скопје станува се повеќе исушен лист пред паѓање од дрво. Предвремените избори се неминовност и наближува периодот за нивното одржување. „Зовриваат“ ВМРО ДПМНЕ, Беса, Алијансата за Албанците, но најмногу „зовриваат“ Македонците и сите други граѓани на оваа испокрадена и масакрирана држава. Сите бараат избори и нова Влада.

Напоредно со неопходноста да се раскинат двата „добрососедски договора“, треба да им се помогне и на граѓаните да ја преживеат драматичната економска, енергетска и егзистенцијална криза, за да запре бегањето на лекарите и медицинските сестри, на стручњаците од сите профили во странските држави, на младите пред се.

Целта на бугаризираната „евроинтегративна агенда“ е уништување на „македонската агенда“

Ќе завршам со Бугарите, со кои што и ја започнав оваа анализа. Ако таа нова македонска Влада го задржи истото „евроинтегративно слепило“ и ако не пројави смелост да пристапи кон создавање нова државно-национална стратегија за развојот во следниот период, за каква што зборуваше претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, тогаш неофашистичкиот хегемонизам и политичко-идентитетската агресија на Бугарија врз Македонија и Македонците максимално ќе се охрабрат и ќе се засилат. Со поддршка на ЕУ.

Албанските опозициски партии, а особено владејачката ДУИ, високо ја имаат кренато „европската агенда“ во своите програми и секојдневни политички активности. Заради остварувањето на таа „европска агенда“, за нив е нешто најнормално и најпотребно отворањето на Уставот и во него внесувањето на онаа минорна бројка Бугари, кои живеат во Македонија. Без оглед каква цена би платил македонскиот народ потоа. За албанските партии нема никакво значење фактот дека „бугарската антимакедонска агенда“ е „камуфлирана“ како „европската агенда“, тие не обрнуваат речиси никакво внимание на тоа.

Ако продолжи и новата македонска Влада, по изборите, да дејствува врз основа на таквата „евроинтегративна“ и „бугарска агенда“, врз основа и на албанската етничка агенда, тогаш може да дојде до сериозно и опасно „вжештување“ во меѓуетничките македонско-албански односи, но и до уставно-политичка криза со непредвидлив тек на случувањата.
Зашто, мнозинскиот македонски народ во оваа држава Македонија јасно и недвосмислено покажува дека се спротивставува на бугаризацијата негова и на државата, во која живее, оти е решен да ги запре овие процеси. Бугаризацијата е составен дел на „ЕУ-агендата“. Македонците само бараат право на мирен живот и никој да не не ги попречува да бидат тоа што се, Македонци во Македонија.

„Чуајте ја верата и никоаш немојте да ми го забраете мојов манастир!“ – Македонија!

Прогласувањето на игуменот-Македонец на Лешочкиот манастир Кирил Пејчиновиќ како достоен црковен и народен светец идната македонска Влада мора да го сфати како порака и до неа дека не згаснува, туку оти уште повеќе се распламтува неговото завештание, кое го оставил во својата претсмртна порака: „”Чуајте ги обичаите, чуајте ја верата и никоаш немојте да ми го забраете мојов манастир!“ А неговиот и наш, Лешочки Манастир е и Македонија!

Зашто, македонските кандила во Лешочкиот манастир повеќе од 700 години ги осветлуваат не само ликовите на Богородица, на Свети Атанасиј, туку и патот на опстојот, на националното самопотврдување на Македонците и нивниот жесток отпор и кон бугарската егзархија. Овој манастирски комплекс претставувал духовен центар на Македонците од овој дел на Македонија и силно жариште на народниот отпор против денационализаторската и асимилаторска политика на Српската црковна патријаршија и Бугарската егзархија, особено од 1860 до 1912 година.

Со Свети Кирил Лешочки како македонски народен факел тој отпор продолжува и се засилува. Нека го имаат ова предвид бугарскиот професор Пламен Павлов и сите негови истомисленици – „санстефански дејци“.