Божидар Димитров: Против белата чума со четири милиони бугарски пасоши!

Историчарот Божидар Димитров во својата колумна во денешниот број на бугарскиот весник „Труд“ се залага за решавање на демографскиот проблем на Бугарија со давање пасош на четири милиони луѓе од странство што чекале на него.



„Над четири милиони се Бугарите во Украина, Молдавија, Македонија, Србија, Косово, Албанија, Северна Грција и во Северна Турција. Многу од нив сакаат да станат бугарски државјани, да дојдат да живеат и да работат во Бугарија. Ние, пак, им правиме илјадници сопки. Наместо да направиме како Романија и Унгарија, кои законски го решија проблемот и сега издаваат во просек по 500 илјади државјанства годишно, ние даваме само по 5-6 илјади. Тоа е срамно и недалекувидо“, вели Димитров, во овој контекст наведувајќи ја и желбата за бугарски пасош на 300 илјади Руси со имоти во Бугарија.

Според податоците на Светска банка за демографската состојба на планетата Земја, Бугарија е на шестото место според разликата меѓу раѓањата и смртноста. Годишно се раѓаат околу 60.000 Бугари, а умираат 110.000.