Предлог Законот со кој треба да се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, по скратена постапка, ќе се најде денеска пред пратениците, а на предлог на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи.
Предложените законски измени следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов” во Битола и „Цар Борис Трети” во Охрид.
По отворањето на клубот „Цар Борис Трети” пратеничката Мизрахи, оцени дека тоа е „неприфатлив историски ревизионизам и повеќе од сериозна провокација”, а Еврејската заедница на Македонија најави кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза”.
Ова не се европски вредности. Затоа, уште денес на овие процеси мора да се стави крај. По, Ванчо Михајлов и Цар Борис III, неспорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители.
Пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации, поради, како што оцени премиерот Димитар Ковачевски, постојното либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија.







