По аутсајдерот Луксембург, уверлива победа на ракометната репрезентација на Македонија и против Турција од 36:27 во Ван, со која уште повеќе ја отвори вратата од Европското првенство 2024 во Германија, и тоа само по две одиграни кола.
Отпорот на домаќинот беше скршен уште во првите 14 минути, кога избраниците на селекторот Кирил Лазаров поведоа со 9:0, по што не му дозволија на домаќинот ни да им ја загрози огромната предност, која во финишот достигна и максимални 36:26.
Филип Талески беше најефикасен кај „црвено-жолтите“ со 7 гола, два повеќе од Дејан Манасков, Томислав Јагуриновски постигна 4 итн.
Никола Митревски беше несовладлив во првиот дел, кога со 7 одбрани директно ѝ „кумуваше“ на победничката серија на гостите.
Во другиот натпревар од групата Португалија славеше во Луксембург со 32:21, па со Македонија го дели првото место пред продолжението на квалификациите со меѓусебниот дуел во Скопје на 8 март 2023 година.





