
Активисти од еко-организацијата „Сопрете ја нафтата“ (Just Stop Oil) истурија супа од домати врз ремек-делото „Сончогледи“ на Винсент ван Гог во Националната галерија во Лондон, пишува Гардијан.
Вредноста на сликата се проценува на 72,5 милиони фунти (речиси 84 милиони евра).
Активистките ги соблекоа јакните за да ги откријат маичките на кои пишува „Сопрете ја нафтата“ пред да ја истурат доматната супа врз уметничкото дело, кое е едно од највредните во галеријата.
„Што вреди повеќе, уметноста или животот? Дали вреди повеќе од храната? Повеќе од правдата? Дали сте повеќе загрижени за заштита на слика или за заштита на нашата планета и луѓе?“,
прашуваа активистките истурајќи ја супата врз сликата.
Од организацијата наведоа дека истурањето на супата врз познатата слика е израз на протест поради високите трошоци за живот и климатската криза.
„Кризата на трошоците за живот е дел од нафтената криза, горивото е недостапно за милиони гладни семејства кои себеси не можат да си дозволат да загреат ниту една конзерва супа“,
велат тие.




