И не е првпат, случајно или намерно, да се забораваат или изоставуваат клучни историски факти, да се прават обиди за преиначување на историјата, па дури и да се интервенира во музички дела и македонски песни, пишува Сашо Таневски за „Нова Македонија“.
„Така, фашистите станаа душмани, Делчев, Груев Гули и Сандански ги снема од македонската химна, зборовите „бугарски фашистички окупатор“ почна да ги снемува од спомен-обележјата секаде низ државата, а бистите на борците од НОВ во предвечерието на 11 Октомври беа осквернавени.
Во меѓувреме, низ целата земја почнуваат да никнуваат бугарски културни клубови со имиња на соработници на фашистичкиот режим.
Сето ова предупредува на опасноста дека во Македонија е започнат процес на целосно редефинирање на историјата, преку кој Бугарија се обидува да ја прикаже Македонија како фашистички соработник, со единствена цел, таа да се испере од оваа темна епизода на сопствената историја. Веројатно за таа цел е и отворањето клубови со имиња на докажани фашисти, за да може пред светот да се покаже дека наводно Македонија е таа што ги велича фашистите, дозволувајќи отворање на такви клубови.
Најтрагично од сè е што македонски политичари и државни органи, само заради некаква неизвесна европска иднина и да не им се налути источниот сосед, сето тоа го аминуваат и прашање на време е кога овој голем ден во македонската антифашистичка историја ќе го загуби приматот на најголем државен празник само за некој да ѝ угоди на Софија.
Затоа клучното прашање што деновиве си го поставува секој граѓанин во оваа држава е дали Македонија со негирањето на сопствената антифашистичка борба е на вистинската страна, како што гласи годинашниот празничен слоган, или, пак, овој пат сме ја погрешиле страната.
„Тоа говори дека почнува процес на бришење на фашистичкиот бугарски окупатор. Штом политиката почне да го прави тоа, а кај нас политичари влегоа и во тоа Советодавно тело за образовни програми, тогаш е јасна крајната цел. Работата оди на заборавање, на промена на колективната меморија. Овие содржини сега ќе се исфрлат и од учебниците, а кога на децата тоа веќе нема да им се предава, ќе се заборави“ – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, Бугарија всушност сака да ја омаловажи нашата борба против нацифашизмот, да покаже дека тоа не било антифашистичка борба, туку било братоубиствена борба, се бореле Бугари против Бугари и дека разликата била само идеолошка.







