Координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, изјави дека САД и НАТО се опасно блиску до вклучување во руско-украинскиот конфликт.
Во интервју за Си-Ен-Ен, тој рече: „Ризиците се многу високи во моментов… Тоа е сигурно“, пренесе Б92.
Претходно, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев изјави дека снабдувањето на Киев со повеќецевни ракетни фрлачи од долг дострел од Запад е најбрзиот начин за ескалација на конфликтот во Украина. Тој ги советуваше американските власти и НАТО да размислат пред да испратат оружје во Киев. Според неговите зборови, по овој чекор на Западот конфликтот може да прерасне во светска војна, која ќе има неповратни последици.
Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, претходно истакна дека со продолжувањето на испораката на оружје во Киев, Соединетите Американски Држави и нивните сојузници драматично се приближија до црвената линија.
Во средата, САД објавија нов пакет воена помош за Киев во вредност од 1,1 милијарди долари. На овој начин, вклучувајќи ја и сегашната транша, вкупниот обем на американската воена помош за Украина за време на претседателствувањето на Џозеф Бајден достигна речиси 17 милијарди долари.






