Ќе добие ли најважната македонска тајна служба први луѓе кои не минале на полиграф?

Информациите дека во Агенцијата за национална безбедност цели 14 месеци немало одговорен за внатрешна контрола која излезе по бојкотот на СДСМ на предлогот на директорот Виктор Димовски, отвара низа прашања и дилеми за состојбите и иднината на главната македонска тајна служба.



Информацијата која до јавноста ја доставија членови на Собраниската комисија за надзор на АНБ и Агенцијата за разузнавање пред околу два месеци која никој не ја демантираше покажува систематско непочитување на законот во АНБ за клучна обврска од која директно зависи македонската државна безбедност.

Со Законот на АНБ од 2019, секој вработен мора да има позитивен полиграфски тест. Ова беше и клучна забелешка на собраниска комисија за надзор на тајните служби.

Непознат број агенти на АНБ не минале полиграф и тест за интегритет

Покрај тоа што АНБ огромен период немала помошник директор за внатрешна контрола и се уште работи без него, а без него не може да има контрола од Собранието, во АНБ според информациите се случува и огромен скандал со проверката на личниот интегритет на вработените.

Според тие информации непознат број на оперативци на АНБ не го минале законски обрврзаниот тест за полиграф на кој со соодветни прашања може да се открие дали агентите на агенцијата соработуваат со криминални групи или со непријателски служби на штета на Македонија.

Во тој контекст од суштинско прашање е дали некој намерно не го спроведувал Законот за АНБ со цел да скрие криминални врски или соработка со непријателски служби.

Дилемата се однесува и на луѓето кои последниве неколку недели се споменуваат како кандидати за директор на АНБ, за директор на операции, помошник директор за внатрешна контрола и други високи функции кои во агенцијата работат од формирањето во 2019 до денес (Зоран Мацкиновски, Љупчо Мреновски, Заре Милошевски, Јовче Ременски…..).

АНБ и владата која ги предлага овие луѓе не откриваат дали истите го минале тестот за интегритет односно дали минале на полиграф што е законска обврска и дел од општите услови за стекнување на работен однос во АНБ?

Доколку овие луѓе кои се номинираат за највисоките позиции во АНБ не се проверени како соработници на криминални групи или непријателски служби во опасност не се става само Македонија туку и соработката со НАТО каде веќе имаме проблем со издавање на безбедносни сертификати за дел од највисоките офицери па дури и воени претставници во алијансата.

Проблемот е уште поголем што Комисијата за контрола на тајните служби во Собранието е блокирана и таа поради недостаток на директор за внатрешна контрола во АНБ не може да ги добие потребните информации за да увиди дали во агенцијата има луѓе под контрола на непријателски служби или луѓе кои од разни причини би биле алатка на криминални групи или поединци од подземјето.

Од тоа што може да се види од јавно достапните информации и брифинзи власта свесно го бојкотира изборот на шеф на внатрешната контрола за да ги спречи собранието да направи увид во работата на АНБ и во можните законски прекршувања.

Посебен проблем се зошто досега опозицијата односно Комисијата во Собранието молчеше за опасноста во АНБ да работат и можеби да дојдат на највисоки позиции луѓе кои не се целосно проверени дали имаат чисто досие.

Поврзана вест

„Код“ за новинарката што може да им пресуди на повеќе моќници во македонските тајни служби (ВИДЕО)