Аутсајдерот Луксембург ѝ послужи на ракометната репрезентација на Македонија како еден вид спаринг-партнер пред гостувањето во Турција в недела, за што зборува лесната и убедлива победа на „црвено-жолтите“ од 38:24 во арената „Борис Трајковски“ на стартот од квалификациите за Европското првенство 2024.
Прашањето за победникот, ако воопшто и се поставуваше пред натпреварот, го реши серијата од 10 гола без одговор на домаќинот меѓу 11 и 24 минута за недостижно водство од 16:4.
Разликата во класи му овозможи на селекторот Кирил Лазаров да им даде шанса на сите 16 играчи во составот, од кои во листата на стрелците не се запишаа само Никола Маркоски и голманите Никола Митревски и Марко Кизиќ, кои добија по едно полувреме. Митревски имаше 53 проценти успешни интервенции (8/15), а Кизиќ запиша 6 одбрани.
Во нападот се издвоија левото крило Цветан Кузмановски, средниот бек Филип Кузмановски и десниот бек Мартин Серафимов, сите тројца со ефект 5/7.





