Данела нема решенија и целосно е неподготвена за градот

Граѓаните на Скопје брзаат до крајот на ноември да ги поднесат потребните документи со кои сакаат да аплицираат за субвенции кои ги дава градот Скопје за чистење на оџаците. Но, за Фактор велат дека имаат сериозен проблем. Документите мора да ги поднесат само електронски, но страницата не функционира. Истовремено, се обиделе и директно да ги достават документите во една од бараките на Град Скопје, но таму не им ги примаат, укажувајќи дека аплицирањето е само онлајн.



Извори за Фактор од Град Скопје потврдија дека постои технички проблем, посочувајќи дека може да се најде решение, но дека градоначалничката воопшто не разговара со службите во градот, и тоа не само за ова прашање, туку и за други сериозни проблеми.

-Фирмата која беше задолжена да ја направи платформата го исполни целосно својот договор и тој договор веќе заврши. Сега е потребен нов тендер со цел да се избере компанија која ќе ја одржува и сервисира редовно платформата за да не се соочуваат граѓаните со ваков технички проблем. Но ниту тендер е распишан, ниту пак ИТ службите во Градот можат да го решат овој проблем. Истовремено, документите физички не им ги примаат на граѓаните, бидејќи во повикот кој беше објавен уште во јуни беше прецизирано дека аплицирањето е само електронски. Инаку, има доволно средства за сите што аплицираат за чистење на оџаците. Овој проблем може многу едноставно да биде надминат, да се ангажира надворешна фирма со договор на дело, а постојат и уште еден куп други начини како тоа да се реши без да се направи каков било правен прекршок, но градоначалничката едноставно не разговара. Во тоа е најголемиот проблем. Бројката на граѓани не е голема, а сумата е навистина симболична, брифира изворот за Фактор.

Дел од граѓаните кои се обидуваат да аплицираат за субвенции се обратиле исто така до градоначалничката со мејлови, но досега немаат никаков одговор.

Инаку, во повикот за аплицирање за субвенции за чистење на оџаците детално е објаснето зошто е тоа навистина важно.

Најголемиот проблем во областа на заштитата на животната средина, со кој се соочува Градот Скопје, е нарушениот квалитет на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно одржување на оџаците – пишува Фактор.