Иницијатива која во мај годинава ја промовираше францускиот претседател, Емануел Макрон, а која веќе по еден месец доби своја официјализација во јунските заклучоци на Европскиот совет, почна да се остварува: Во Прага денеска за првпат ќе се одржи средба на Европската политичка заедница, на која ќе учествуваат 44 лидери од сите земји од континентот
Европските лидери ќе дискутираат за крупните предизвици со кои се соочува Европа. Покрај 27-те земји членки на ЕУ, поканети се уште 17 други европски држави, меѓу кои, Велика Британија, Норвешка, Швајцарија, Турција, Украина, Молдавија, Грузија…, како и шесте земји од Западен Балкан.
Делегацијата на Македонија ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.
Висок дипломатски извор за МИА вчера изјави дека планот е да им се помогне на земјите од регионот да се придружи кон енергетската платформа на ЕУ.
„Барањето за учество во енергетската платформа на ЕУ за трети земји пристигна уште во март, тоа е намерата, малку се забави, но повикот од страна на Европскиот совет е јасен, тоа го истакна и претседателот Вучиќ, и треба да се обнови“, изјави дипломат од ЕУ за МИА.
Македонија, Србија и Албанија, минатата недела во Софија, на ЕУ веќе ѝ ставија до знаење дека им е потребна помош во справувањето со енергетската криза.
Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, во интервју за 360 степени, потврди дека е можно од самитот во Прага да произлезе конкретна помош или барем конкретна најава за помош за Северна Македонија во делот на енергетиката.






