Ексдиректорот на „Градски паркинг“ ќе ги координира јавните претпријатија

Нова функција се додава во Владата. Имено, мноштвото национални координатори за одредени работи, нешто што пред неколку години дури и не постоеше како функција или беше многу ретко, сега ќе се надополни со уште еден.



Обично овие функции национален координатор за одредена работа се даваат на кадри кои порано имале одредени силни позиции во извршната или во локалната власт, но од одредени причини биле сменети од тие места, па на овој начин им се наоѓа ангажман, но и солидна плата.

Па така, пред неколку дена во Службен весник осамна решение од Владата за именување на Национален координатор за унапредување на работата на јавните претпријатија.

Не е дека не треба да се унапреди работата на јавните претпријатија во земјава, бидејќи тие со години наназад покажуваат хронично слаби резултати во работењето, а од друга страна книжат бројни загуби и долгови. Раководните лица во јавните претпријатија се меѓу најдобро платените, а нивниот учинок низ годините наназад, чест на исклучоците, е прилично слаб.

Многу влади и собранија наназад донесоа бројни закони и нови правила на игра, токму со цел да се оптимизира работењето на јавните претпријатија и тие да престанат да бидат бунар без дно за трошење на државни и општински пари, но ниту едно од овие решенија не се покажа како успешно.

Останува да видиме дали тоа ќе му успее на новиот Национален координатор за унапредување на работата на јавните претпријатија.

Инаку, од Владата навеле во своето решение дека овој национален координатор го именуваат врз основа на член 36, став 6 од Законот за Влада.

А, на оваа позиција доаѓа Борче Јакимовски, кој функцијата ќе започне да ја врши сметано од први октомври 2022 година.

За овој свој ангажман Јакимовски ќе зема над 90 илјади денари, со оглед што коефициоентот му е 3,3 или три просечни плати, односно ако на крајот на јули просечната плата била 31.812 денари, значи по три тоа е над 90 илјади денари веројатно во бруто износ, со тоа што треба да се има предвид дека на овој износ се засметува и исплатениот персонален данок.

Линк до целиот текст.