Русија мора да учествува во истрагата за експлозиите на гасоводите „Северен тек“ под Балтичкото Море,изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од Ројтерс.



Операторите на двата гасоводи меѓу Русија и Германија соопштија дека не можат да ги прегледаат оштетените делови поради ограничувањата наметнати од данските и шведските власти.

Песков ги опиша како „вознемирувачки“ изјавите на некои западни земји дека Москва не треба да учествува во истрагата за протекувањето.

„Досега на прес-конференциите одржани во Данска и Шведска слушнавме такви алармантни изјави што е исклучена каква било соработка со руската страна“, истакна Песков.

„Сметаме, секако, дека учеството на Русија во увидот на оштетените објекти и во истрагата за тоа што се случи треба да биде задолжително“, нагласи тој.

Испораките на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, кои ги поврзуваат Русија и Германија преку Балтичкото Море, беа прекинати минатиот месец, како што рече Москва, акт на „меѓународен тероризам“.

Рускиот претседател Владимир Путин веќе ги обвини Соединетите Држави и нивните сојузници за предизвикување на експлозиите што ги оштетија гасоводите, обвинувања кои Вашингтон ги негираше.